Овој модул има за цел да ги објасни клучните национални  инструменти кои обезбедуваат заштита на жртвите и гонење на сторителот како што се: (1) пријавувањето на РБН врз жени и СН, (2) проценката на ризикот и препраќањето на жртвите до соодветните услуги, (3) пристап фокусиран на потребите на жртвите, (4) видовите на привремени мерки за заштита, (5) институциите надлежни за изрекување и следење на привремените мерки за заштита, (6) мултисекторско постапување при процесирање на случаи на РБН врз жени и СН и (7) кривично правна заштита.

  1. Истражување на случаите на насилство врз жена

Полицијата и јавните обвинители треба да имаат знаење и пристап при водењето на овие случаи. Мораат веднаш да го идентификуваат насилството и да ѝ понудат помош и поддршка на жртвата. 

Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство го дефинира начинот на пријавување родово базирано насилство врз жените и семејно насилство и тоа од страна на јавноста и од страна на службени лица.  

„Секој  граѓанин кој има сознание за постоење на насилство врз жени и семејно насилство е должен да пријави до полициска станица, центар за социјална работа, јавно обвинителство, здружение или СОС линија“ (член 40).

„Одговорното лице и раководното лице од институцијата кои вршат дејност од областа на социјалната и детската заштита, вработувањето, внатрешните работи, здравството и образованието се должни да пријават сознание за насилство врз жените и семејно насилство до полициска станица или центар за социјална работа. Исто така, секое одговорно и раководно лице во правно лице е должно да пријави сознание за постоење на насилство врз жените и семејно насилство до полициска станица или центар за социјална работа“ (член 41).

Притоа, овој закон ја дефинира и обврската на полицијата, центрите за социјална работа, обвинителите и судиите да направат проценка на ризикот по животот и телесниот интегритет на жртвата, проценка на ризикот од повторување на насилството со цел управување со ризикот и обезбедување мерки за координирана помош и заштита на жртвата (член 50). Исто така, во рамките на проценувањето ризик се постапува итно и во првите шест часа од пријавувањето. Се предвидува и правото на придружник на жртвата во текот на целата постапка со цел да ѝ се обезбеди целосна поддршка и да се оневозможи ревиктимизација на жртвата. Најчесто како придружници на жртвите на родово базирано насилство се јавуваат женските невладини организации бидејќи имаат долгогодишно искуство во ваквите процеси. Целта на придружувањето е да се поддржи жртвата во процесот за да не се откаже поради должината на постапката, вознемиреноста и психолошката стабилност. Секако, жртвата може да избере да ѝ биде придружник кое било возрасно лице, освен лицето кое е сторител на семејното насилство во постапката (член 43).

Важно да се запомни!

Проценката на ризикот се прави со помош на посебни пропишани формулари за проценување на ризикот во секој конкретен случај. Така Министерството за труд и социјална политика и Министерството за внатрешни работи имаат донесено посебни правилници со кои се пропишува начинот на проценка на ризикот по животот и телесниот интегритет на жртвата и на ризикот од повторување на насилството; соодветно управување со ризикот; образецот на полицискиот извештај или за извештајот на центарот за социјални работи и образецот на предлогот за изрекување соодветна привремена/привремени мерка/мерки. 

Законот ја предвидува и заштитата од ревиктимизација поставувајќи посебни стандарди за превенција од ревиктимизација во текот на целата постапка, па така институциите:

  • се обврзани да го заштитат идентитетот и личните податоци на жртвата;
  • земаат исказ на местото на пријавување;
  • треба видео и тонски да го регистрираат исказот на жртвата во полициска станица или во обвинителство;: 
  • треба да го водат разговорот во посебни простории прилагодени за разговор со жртви; 
  • се обврзани да ограничат соочувањето со пријавениот;
  • да го ограничат давањето на исказот на најмногу  два пати во текот на постапката и
  • да преземат други мерки со кои ќе се заштити интегритетот на жртвата (член 68).
Важно да се запомни!

Голем број од жртвите на родово базирано насилство страдаат од траума, посттрауматски стрес, депресија или вознемиреност. 

Траумата може да предизвика:
– губење меморија; 
– недостаток на фокус; 
– несоодветни/неповрзани изјави; 
– преголема емоционална раздразнетост. 

Во текот на целиот контакт со жртвата, внимавајте на влијанието што траумата може да го има врз неа/него:
– Бидете свесни за повторното трауматизирање.  
– Можно е жртвата да започне расправија како еден од начините да се одбрани. 
– Срамот кој жртвите на сексуално насилство го чувствуваат може да ја инхибира жртвата и таа да не сака или да не може да се изрази. 
– Поставувајте отворени прашања. 
– Внимавајте на културолошките, религиските, обичајните бариери за жртвите.
  1. Пристап фокусиран на жртвите во текот на истрагата  

Институциите мора да внимаваат да не им создаваат никаква штета на жртвите во текот на истрагата и судските постапки. Токму затоа најбитно е да се има итен одговор, итни заштитни мерки и да се земат предвид безбедноста на жртвата и нејзините деца.

Новиот закон предвидува право на полицискиот службеник да го отстрани насилникот доколку истиот претставува сериозна опасност по животот на жртвата, задолжително одземање на оружјето и поднесување предлог за изрекување привремена мерка за заштита, односно отстранување на сторителот од домот, која може да трае најмалку 10, а најмногу 30 дена, и забрана за приближување до домот и без согласност на жртвата (член 57). Оваа мерка е интервентна мерка и има за цел да го спречи „првичниот“ притисок врз жртвата и нејзините деца кој честопати може да биде фатален по животот на жртвата. 

Важно да се запомни!

Во случаи на голем ризик по животот на жртвата, итните мерки за заштита може да имаат позитивен  ефект за оневозможување идни напади или во крајни случаи и убиства на жртвата и децата. 

Заради запирање на насилството, отстранување на последиците и ефективно казнување на сторителите, судот може да ги изрече следните привремени мерки кон насилникот (член 58): 

  1. забрана да се заканува дека ќе стори насилство;
  2. забрана да малтретира, вознемирува, телефонира, контактира;
  3. забрана да се приближува на растојание помало од 100 метри до живеалиштето, училиштето, работното место или определено место кое редовно го посетува жртвата;
  4. отстранување од домот без оглед на сопственоста, во траење од 10 до 30 дена;
  5. забрана да поседува огнено или друго оружје или истото да му биде одземено;
  6. задолжително да ги врати предметите кои се потребни за задоволување на секојдневните потреби на жртвата и семејството;
  7. задолжително законско издржување на семејството;
  8. задолжително да посетува советувалиште за сторители на насилство врз жени или семејно насилство;
  9. задолжително лекување на сторителот доколку злоупотребува алкохол, дрога и други психотропни супстанции или има психичко заболување;
  10. сторителот задолжително да ги надомести медицинските и другите трошоци настанати од насилството и
  11. која било друга мерка која судот ја смета за неопходна за да се обезбеди сигурност и добросостојба на жртвата и другите членови на семејството.

Мерките од 1 до 5 ги извршува Министерството за внатрешни работи, додека мерката од точка 9 е под ингеренција на Министерството за здравство. Овие привремени мерки може да се изречат во траење од најмалку три месеца, а најмногу до една година, со можност за продолжување доколку опасноста од РБН врз жени и СН сè уште постои.

Важно да се запомни!

Интервентната мерка за итна заштита на жртвата заради отстранување на непосредна и сериозна опасност по животот која е дефинирана во членот 57 од новиот закон ја предлага полициски службеник од надлежна полициска станица без согласност на жртвата. 

Привремените мерки за заштита наведени во членот 58 од новиот закон се поднесуваат на предлог на жртвата до надлежниот суд, непосредно или преку центарот за социјална работа на нејзино барање. Надлежниот центар за социјална работа може да поднесе предлог за изрекување привремена мерка за заштита до надлежен суд само со согласност на жртвата. 

Центар за социјална работа

Центарот за социјална работа, пак, има обврска да ги преземе следните итни мерки: интервентно да ги смести жртвите во кризен центар до 48 часа, привремено да ги згрижи, да повика итна медицинска помош и да ја придружува жртвата, да даде психосоцијална поддршка, да поднесува барање за изрекување привремени мерки за заштита со согласност на жртвата, да ги контактира полицијата и обвинителството, да ја информира жртвата за нејзините права и заштита, да обезбедува помош на семејството за редовно школување на децата, да дава правна помош и застапување, да ја упатува жртвата кон програми за нејзино економско јакнење (член 46). Исто така, во случај на висок ризик и преземање итни мерки за заштита, како и кога жртвата користи услуги на привремен престој, а најдоцна во рок од 12 часа од приемот на пријавата, донесува решение за привремено доверување грижа и воспитување на децата на родителот жртва.

Важно да се запомни!

Детето е жртва кога трпи директно насилство, кога е присутно на насилни односи помеѓу членовите на неговото семејство или кога живее во средина во која има насилни односи.
Потребно е да се разгледа можноста за воспоставување надзор над вршењето на родителското право и старателството доколку постои опасност од ревиктимизација (ИК член 31).

Министерство за внатрешни работи/ Полициски станици 

Полицијата е должна да ги следи следните чекори: 

  • интервјуирајте ги жртвата и насилникот одвоено. Прашајте ја жртвата дали има историја на насилство; 
  • доколку има присутни и деца (над 6-годишна возраст) и не се истрауматизирани, земете изјава и од нив во присуство на инспектор за малолетници; 
  • направете разлика кој што направил и што всушност се случило, каква било медијација во вакви случаи строго е забранета; 
  • документирајте го кој било материјал, вклучително и емоционалната состојба на жртвата;
  • забележете ги сите физички повреди кај сите присутни; 
  • забележете го однесувањето на насилникот; 
  • забележете го секое оштетување на околината; 
  • внимателно забележете необично однесување како што е смиреност, вознемиреност, како и дали насилникот ја гледа жртвата итн; 
  • видете дали има остатоци од алкохол и други хемиски и психотропни супстанции;
  • информирајте ја жртвата за следните чекори. Споделете со неа контакти од шелтер центри и НВО кои би можеле да ѝ помогнат (не го правете тоа пред насилникот);  
  • секогаш обезбедете преведувач во случај жртвата да не го разбира јазикот; 
  • секогаш обезбедете толкувач со знаковен јазик или друг метод со цел да се комуницира со жртва која има попреченост.

Изјавите на жртвите се најчесто најважниот доказ во постапката и затоа е многу битно како истата ќе биде земена. Изјавата е битна и за проценката на ризикот од повторување на делото ,како и оформувањето на безбедносниот план. 

Важно да се запомни!

Во постапките кои се однесуваат на заштита на жртвите, судот не може да упати на задолжително спогодбено решавање на спорот. Медијација во овие случаи е забранета!

Полициски службеник, секогаш кога има пријава за РБН врз жени и семејно насилство, а заради отстранување на непосредна и сериозна опасност по животот, должен е да излезе на местото на настанот и да изготви полициски извештај веднаш, а најдоцна во рок од 12 часа од интервенцијата на настанот. Полицискиот службеник секогаш прави проценка на ризик за сериозна опасност по животот на жртвата. Полицијата е обврзана да ѝ обезбеди итна здравствена заштита на жртвата, привремено да го одземе оружјето од насилникот, по барање на жртвата да ја придружува во живеалиштето на жртвата за да ги земе личните работи. 

Во случај на непосредна и сериозна опасност по животот, полицискиот службеник е должен веднаш, а најдоцна во рок од 12 часа од интервенцијата на настанот, да го извести надлежниот јавен обвинител. Полицискиот службеник е должен да достави предлог за изрекување итна мерка за заштита до надлежниот суд – отстранување на сторителот од домот и забрана за приближување до домот и полициски извештај, изготвен од полицискиот службеник. За ваквата мерка, полицискиот службеник го известува надлежниот центар за социјални работи (член 49). 

Здравствени институции и здравствени работници 

Здравствената организација и здравствените работници мораат веднаш и бесплатно да ја заштитат жртвата и тоа со обезбедување на (член 51): 

  • преглед на повредите и медицински третман;
  • документирање на повредите и прибирање докази за постоење на повреда на телесен и психички интегритет;
  • издавање медицинска документација за повредите; 
  • информирање на жртвите за нивните права и заштита. 

Мултисекторски стручен тим

Согласно новиот закон и стандардите на ИК, секогаш кога постои сознание за загрозување на животот и здравјето на жените жртви на РБН и СН, се формира мултисекторски стручен тим кој изготвува безбедносен план за помош. Безбедносниот тим го формира надлежниот центар за социјална работа од стручни лица од ЦСР, надлежната полициска станица и здравствената институција (член 55). Овој тим има за цел да обезбеди координирани активности во обезбедувањето на потребите на жртвата и нејзините деца во секој конкретен случај. Овој мултисекторски тим може да побара во неговата работа да му се придружат и претставници од здруженија специјализирани за давање услуги на жртви на РНБ и СН. 

Мултисекторското работење се дефинира со посебен протокол за меѓусебна соработка на надлежните институции и здруженија за заштита и спречување од НВЖ и СН и истиот го донесува Владата на Република Северна Македонија. Овој протокол ги уредува видовите, начинот и содржината на соработката помеѓу институциите при преземањето мерки за превенција, спречување и заштита на жртвите од СН и преземање законски мерки против сторителите. 
  1. Кривично правен прогон и судење 

Според Кривичниот законик (КЗ): 

„Под семејно насилство се подразбира малтретирање, грубо навредување, загрозување на сигурноста, телесно повредување, полово или друго психичко или физичко насилство со кое се предизвикува чувство на несигурност, загрозување или страв, спрема брачен другар, родителите или децата или други лица кои живеат во брачна или вонбрачна заедница или заедничко домаќинство, како и спрема поранешен брачен другар или лица кои имаат заедничко дете или се наоѓаат во блиски лични односи (чл. 122, т. 21).“ 

„Под жртва на кривично дело се подразбира секое лице кое претрпело штета, вклучувајќи физичка или ментална повреда, емотивно страдање, материјална загуба или друга повреда или загрозување на неговите основни слободи и права како последица на сторено кривично дело. Под дете како жртва на кривично дело се подразбира малолетно лице до 18 години (чл. 122, т. 22).“

„Под семејство се подразбира брачниот другар, вонбрачниот другар, децата, родителите, браќата и сестрите и други роднини со кои лицето живее во семејна заедница. (чл. 122, т. 25).“

И во граѓанската и во кривичната постапка, жртвите на РБН треба да имаат посебен третман со цел да се елиминира ревиктимизацијата. Пред и во текот на судењето, жртвата треба:

  • да се поддржи;
  • да ѝ се помогне при давање на доказите; 
  • да се зголеми можноста за повисока казна на обвинетите; 
  • да се минимизира каква било штета која би настанала во текот на судењето и постапката. 
  1. Еx parte и Еx officio 

Во Кривичното законодавство во Македонија, семејното насилство се инкриминира во рамките на основните кривични дела. Посебно се санкционира фактот кога делото е сторено при вршење семејно насилство, односно својството на сторителот и жртвата е квалификаторен елемент за одмерувањето на казната, како и за преземањето на гонењето. Кривичните дела кои експлицитно го инкриминираат семејното насилство како квалификаторен елемент во КЗ се: убиство (член 123, став 2, т. 2), убиство на миг (член 125), телесна повреда (член 130, став 2), тешка телесна повреда, (член 131, став 2 и 6), присилба, (член 139, став 2), противправно лишување од слобода (член 140, став 2), загрозување на сигурноста, (член 144, став 2), полов напад врз малолетник кој не наполнил 14 години (член 188, став 2) и  посредување во вршење проституција (член 191, став 4). Сите кривични дела со исклучок на телесната повреда од членот 130 став 2 се гонат по службена должност. 

  1. Посебна заштита на жртвите во текот на кривичната постапка 

Законот за кривично процесна постапка предвидува посебни заштитни мерки за ранливите категории на жртви и тоа ако се работи за малолетно лице или ако лицето се става во ризик себеси или нејзини/негови блиски лица (член 54 ЗКП).

Жртвата има право пред испитувањето да разговара со бесплатен советник или со полномошник, да биде испитувана од лице од ист пол во полицијата и во јавното обвинителството; да не одговори на прашања што се однесуваат на личниот живот на жртвата, а не се поврзани со кривичното дело; да бара испитување со помош на визуелно-тонски средства и да бара исклучување на јавноста на главната расправа (член 55 ЗКП).

Важно да се запомни!

Избегнувајте секундарна виктимизација во текот на судската постапка. Сведочењето во суд може да биде трауматично, особено за жртвите на сексуално насилство бидејќи тие чувствуваат: срам од давање јавен исказ, страв од насилникот, се чувствуваат непријатно во судот, се ревиктимизираат и губат контрола! 
Жртвите на сексуално насилство имаат право да не одговорат на прашања што се однесуваат на личниот живот на жртвата, а не се поврзани со кривичното дело, особено прашања поврзани со нивната сексуална историја и однесување!
  1. Улогата на судијата во судската постапка 

Со цел да се постигне ефикасен пристап до правдата за жртвите, особено е битно судијата да: 

  • има разбирање за динамиката на НВЖ и РБН; 
  • го земе предвид ризикот на кој е изложена жртвата и децата; 
  • ги третираат жртвите со емпатија и почитување; 
  • ги имаат предвид безбедноста на жртвата и децата во текот на целата постапка; 
  • ги земат предвид посебните потреби на жртвата; 
  • ѝ објасни на жртвата кои се нејзините права и обврски на јазик кој таа го разбира; 
  • ја разгледа можноста да го уважи исказот на жртвата како клучен доказ во постапката. 
  1. Новиот закон предвидува и право на тужба за утврдување на одговорност за непостапување со должно внимание

Жртвата има право да поднесе тужба пред парничен суд за утврдување одговорност за непостапување со должно внимание на сите лица кои согласно овој закон се обврзани да постапуваат на таков начин. Тужбата може да содржи барање да се утврди одговорност на тужениот за непостапување со должно внимание, да се досуди надомест на штета за жртвата поради ваквото непостапување на тужениот, да се задолжи тужениот да преземе дејства за заштита на жртвата согласно одредбите и роковите утврдени со овој закон (член 83).

Важно да се запомни!

Сите мерки и услуги кои им се достапни на жртвите на РБН и СН на државјаните на Република Северна Македонија се подеднакво достапни и за бегалки, барателки на азил, лица без државјанство и лица без документи, независно од постапката за регулирање на нивниот статус (член 56). 

ЗАКЛУЧОК 

  • Обврска за пријавување на РБН врз жени и СН има секој граѓанин на Република Северна Македонија и секое службено лице од надлежни институции. 
  • Проценката на ризикот по животот и телесниот интегритет на жртвата и проценката на ризик од повторување на насилството е клучна во правилната заштита на жртвите и нивните деца. Добрата и навремена проценка на ризикот може да спаси човечки животи! 
  • Жртвата има право на придружник во текот на целата постапка со цел да ѝ се обезбеди целосна поддршка и да се оневозможи ревиктимизација на жртвата или откажување од процесот поради притисоци. 
  • Итните мерки за заштита имаат за цел да го заштитат животот и безбедноста на жртвите и нивните најблиски и да превенираат ревиктимизација. 
  • Привремените мерки за заштита имаат за цел да го запрат насилството, да ги отстранат последиците од истото и да се преземат соодветни мерки за да се казни сторителот.  
  • Секогаш кога постои сознание за загрозување на животот и здравјето на жените жртви на РБН и СН, се формира мултисекторски стручен тим кој изготвува безбедносен план за помош.
  • Кривичниот закон го инкриминира семејното насилство во рамките на основните кривични дела и истото претставува квалификаторен елемент за одмерувањето на казната при делата сторени во контекст на семејно насилство.
  • Законот за кривично процесна постапка предвидува посебни заштитни мерки за ранливите категории на жртви, вклучително и жртвите на РБН и СН.