Овој модул има за цел да ги објасни клучните национални инструменти поврзани со превенција и сузбивање на РБН, НВЖ и СН. Фокусот во овој модул е на (1) дефинирање на основите форми на РБН, НВЖ и СН; (2) основните начела при постапување со случаите на РБН врз жени и СН; (3) надлежните институции за спроведување на превентивните и заштитните мерки и (4) превенција на РБН врз жени и СН и (5) основните услуги за жртвите на РБН врз жени и СН.

Како што беше наведено во претходните модули, семејното насилството има корени во патријархалните културни норми во општеството. Ова не е исклучок ниту за Република Северна Македонија. Во Македонија, прашањето на семејно насилство станува предмет на јавни и стручни дискусии дури во последната деценија на дваесеттиот век. Најголема улога во актуелизирањето на овој проблем имаа женските невладини организации. Овие организации во најголема мера се фокусираа да обезбедат непосредна помош и решавање специфични потреби на жртвите, ги отворија првите СОС линии и засолништа за жени жртви на насилство. Исто така, женските невладини организации добија значајна улога во обликувањето на законската рамка и нејзиното усогласување со клучните меѓународни документи. Дефиницијата за семејно насилство е содржана во два закона: Кривичен законик и Закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство. 

Според Кривичниот законик (КЗ) „[п]од семејно насилство се подразбира малтретирање, грубо навредување, загрозување на сигурноста, телесно повредување, полово или друго психичко или физичко насилство со кое се предизвикува чувство на несигурност, загрозување или страв, спрема брачен другар, родителите или децата или други лица кои живеат во брачна или вонбрачна заедница или заедничко домаќинство, како и спрема поранешен брачен другар или лица кои имаат заедничко дете или се наоѓаат во блиски лични односи (чл. 122, т. 21)“.

Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство го дефинира семејното насилство како малтретирање, навредување, загрозување на сигурноста, телесно повредување, полово или друго психичко, физичко или економско насилство со кое се предизвикува чувство на несигурност, загрозување или страв, вклучувајќи и закани за такви дејствија, спрема брачен другар, родителите или децата или други лица кои живеат во брачна или вонбрачна заедница или заедничко домаќинство, како и спрема сегашен или поранешен брачен другар, вонбрачен партнер или лица кои имаат заедничко дете или се наоѓаат во блиски лични односи, без оглед дали сторителот го дели или го делел истото живеалиште со жртвата или не.

Новиот Закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство ги вклучува и дефинициите кои се однесуваат на насилството врз жената и родово базираното насилство.

„Насилство врз жените“ е кршење на човековите права, дискриминација врз жените и ги означува сите дејствија на родово базирано насилство што доведуваат или веројатно ќе доведат до физичка, сексуална, психичка или економска повреда или страдање на жените, вклучувајќи и директни и индиректни закани и заплашување за такви дејствија, изнуда, произволно ограничување и/или лишување од слобода, без оглед дали се случуваат во јавниот или приватниот живот.

„Родово базирано насилство врз жените“ е насилство насочено против жената затоа што е жена или коешто несразмерно ја погодува. Родово базираното насилство врз жените ги опфаќа причините и резултатот од нееднаквиот однос на моќта помеѓу жените и мажите како резултат на општествен, а не индивидуален проблем. Форми на родово базирано насилство се сметаат семејното насилство и насилството врз жени и девојчиња. 

Пристап со фокус на жртвата и почитување на човековите права 

Државните органи согласно новиот Закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство имаат обврска (due diligence) да го спречат насилството врз жените и семејното насилство, во спротивно, истите сносат одговорност.

Според член 4 од Закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство: „Органите на државната власт, правните лица со јавни овластувања, функционерите, службениците, и другите актери кои дејствуваат во име на државата, имаат обврска да се воздржат од учество во дејствие на насилство и да ги преземат сите мерки и активности за да спречат какво било дејствие на родово базирано насилство врз жените, вклучувајќи го и семејното насилство.“ 

Обвинувањето на жртвите и дискриминаторското постапување кон нив од страна на институциите најчесто ги одвраќаат жртвите од пријавување насилство и барање помош. Доколку институциите постапуваат со поголемо внимание кон жртвите на родово базирано насилство, тоа ќе ги зајакнува и ќе ја зголеми нивната доверба во системот. На овој начин ќе се избегне и ревиктимизацијата на жените и девојчињата. 

Видови на насилство врз жени и девојчиња согласно национална легислатива 

Новиот Закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство ги следи стандардите на Истанбулската конвенција кога се во прашање формите на НВЖ и РБН. Видовите на НВЖ и РБН беше претставено во Модул бр. 1 и во овој дел само ќе ги споменеме: 

  • физичко;
  • психолошко насилство; 
  • демнење; 
  • економско насилство; 
  • сексуално насилство и силување;  
  • присилен брак;  
  • женско генитално осакатување;  
  • присилен абортус и присилна стерилизација;  
  • трговија со жени.  

Исто така, новиот закон дефинира уште два типа на НВЖ кои не се вклучени во ИК и тоа: 

  • присилна контрола врз жените е злоупотреба на моќ, употреба на закани, сила или други форми на присила,  измама или погрешно прикажување со цел да се контролира однесувањето и животот на жените;
  • сексуално вознемирување преку интернет е несакано вербално, невербално или друго постапување од сексуална природа, што има за цел или последица повреда на достоинството или создавање заканувачка, непријателска, понижувачка или застрашувачка средина, пристап или практика, преку електронските средства за комуникација.

Бариери за пријавување на насилството од страна на жртвите

Бариерите за пријавување на насилството од страна на жртвите се резултат на социокултурните норми, економската моќ на жените, правните пречки и психо-социјалната состојба на жената. 

Социјално културните бариери за пријавување на насилство се поврзани со поддршката на жртвата од страна на семејството и пријателите, но исто така и на тоа како заедницата и/или религијата гледаат на ова прашање. Економски причини поради кои не се пријавува насилството најчесто се економската зависност на жените, немањето ресурси, комплексни потреби и друго. 

За да можат да пријават насилство, жртвите мора да имаат: 

  • пристап до информација за сервисите кои им стојат на располагање;
  • пристап до сервиси за закрепнување; 
  • пристап и право на обесштетување;
  • итност при постапувањето со нивните случаи;
  • мерки за заштита; 
  • пристапноста треба да е инклузивна и адаптирана на потребите на жените и девојките со попреченост.
  1. Пристап до информација 

Честопати жртвите немаат информација за пристап до помош поради:

  • немање соодветни услуги;
  • ниска свесност за проблемот; 
  • дискриминација од страна на самите установи, особено кога имаме сложени случаи со повеќекратна дискриминација; 
  • континуирано препраќање од една институција до друга (несоодветно поставен систем за препраќање и поддршка); 
  • страв од водење судски постапки и пристапување до правдата; 
  • непристапност на информацијата поради неприлагодување на потребите на жените и девојките со попреченост. 
Важно да се запомни!

Постојат посебни видови на РБН кои особено ги погодуваат жените и девојчињата со попреченост, како на пример: 
– психолошко и емоционално насилство;економска злоупотреба и експлоатација (сексуална експлоатација во форма на трговија со луѓе);
– физичко насилство врз лице и/или врз нивните помагала или животни;
– сексуално насилство (на пример жени кои живеат во институции, жени кои имаат отежнат вид, слух или се со интелектуална попреченост);
– принудна и присилна бременост, стерилизација/контрацепција и други медицински процедури извршени без информирана согласност (особено во ситуации на сексуално насилство);
– тортура и нехуман или деградирачки третман или казна насочена кон млади жени и девојчиња со попреченост (социјална изолација, сегрегација и експлоатација на девојчиња со попреченост во семејството, како што се исклучување од семејни активности, спречување да не излегуваат од дома, принуден труд), домашна работа и забрана за учење во училиште;
– жените и девојчињата со попреченост можат да бидат предмет на специфични форми на штетни практики како што се детски брак, присилен брак, осакатување на женски гениталии, насилство во име на „чест“, насилство поврзано со мираз и тие се особено изложени на ризик од таканаречено „тестирање на невиност“;
– жените со попреченост се изложени на поголем ризик од ризик од лишување од слобода, медицински третман, особено со репродуктивни одлуки.
  1. Основни начела 

Секој службеник или кое било лице што постапува при случаи на РБН врз жени и СН мора да ги следи основните начела кои се наведени во новиот Закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство. 

  • Недискриминација  

Согласно законот (член 5), сите мерки, активности и услуги за превенција и заштита на жените од РБН и СН се спроведуваат без дискриминација врз која било основа согласно закон. Жртвите активно учествуваат во текот на целата постапка на нивна заштита и тие мора да дадат согласност за секое дејствие кое се презема во нивен интерес. 

  • Начело за забрана од виктимизација

Согласно новиот закон (член 6), се забранува секое дејствие со кое жртвите на РБН врз жени и СН би се виктимизирале во било која фаза на постапката на нивна заштита или заштита на нивните деца. 

  • Ранливи жени

Новиот закон (член 7) дефинира дека одредени категории на жени можат да бидат во понеповолна ситуација и да се повеќе ранливи на различни форми на РБН врз жени и СН. На пример: бремените жени, жени со деца и деца со попреченост, припаднички на заедниците кои не се мнозинство, самохрани мајки, жени со попреченост, жени од рурални средини, жени кои употребуваат дроги, сексуални работнички, мигрантки, бегалки, барателки на азил, жени без државјанство, лезбијки, бисексуалки и трансродови луѓе, жени кои живеат со ХИВ, бездомнички, жени жртви на трговија со луѓе, повозрасни жени, материјално необезбедени жени и други. Секако, не секоја од наведените фактори на ризик ги ставаат жените во ранлива категорија, но сите институции мора да ги имаат предвид овие ризик фактори. 

  • Начело на соодветно приспособување

Законот предвидува дека секоја мерки, активности или услуги кои им се даваат на жртвите на РБН врз жени или СН треба да се соодветно приспособени на специфичните потреби на жените со попреченост.

  • Начело на родово одговорни политики

Сите мерки, активности и услуги за превенција од РБН врз жени и СН треба да бидат родово одговорни и да ги препознаваат карактеристиките и разликите кои произлегуваат од родовите улоги на жените и мажите. Родово одговорните политики ја вклучуваат родовата перспектива како критериум кој е интегриран во сите фази од процесот на креирање на политиките, оценката на состојбите, имплементацијата и евалуацијата на политиките кои произлегуваат од овој закон.

  • Начело на зајакнување на жените кои трпат насилство

Сите активности и мерки за заштита од РБН врз жени и СН мора да се обезбедуваат на начин на кој ќе се овозможи зајакнување на потенцијалот и капацитетите на жртвата. Жртвите учествуваат во донесувањето на сите одлуки за нивна заштита. Без согласност од жртвата, институциите не можат да преземат мерки за заштита, освен во случаи кога постои непосредна опасност по нејзиниот живот и тело.

Министерството за труд и социјална политика и министерството за внатрешни работи во посебни правилници ја дефинираат формата во која се зема согласноста на жртвата за преземање на сите потребни заштитни дејствија. Согласноста од жртвата се дава во писмена форма на претходно пропишан образец. 
  1. Надлежни институции и интегрирани политики 

Надлежни институции за спроведување на мерките за превенција и заштита од РБН врз жени и СН се сите органи на државната управа, судовите, јавното обвинителство, единиците на локална самоуправа и други правни лица. Сите оние кои работат на случаите на РБН врз жени и СН мора да имаат општа и специјализирана обука и да го разбираат работењето со РБН врз жени и СН. Сите институции кои работат во оваа област се обврзани да соработуваат меѓусебно врз основа на утврден протокол за работа бидејќи РБН врз жени и СН може да се превенира само преку заеднички одговор на сите чинители во системот на заштита и прогон. 

Новиот Закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство прецизно ги дефинира обврските за спроведување на мерките и активностите за превенција и заштита од РБН врз жени и СН на следните институции:

  • Собрание на Република Северна Македонија; 
  • Влада на Република Северна Македонија; 
  • Национално координативно тело за имплементација на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и семејно насилство;
  • Министерство за труд и социјална политика; 
  • Министерство за внатрешни работи;
  • Министерство за здравство;
  • Министерство за правда; 
  • единици за локална самоуправа; 
  • Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги;
  • Академија за судии и јавни обвинители;
  • здруженија; 
  • синдикати. 
  1. Превенција од РБН врз жените и СН

Во претходните модули беше наведено дека насилството врз жените е манифестација на историски нееднаквите односи на моќ меѓу жените и мажите, кои довеле до доминација и дискриминација врз жените од страна на мажите и до спречување на целосното напредување на жените. Превенцијата на РБН врз жените и СН може да се постигне само ако се елиминираат ваквите сфаќања кои се длабоко вкоренети во општествените вредности и верувања. 

Токму затоа сите надлежни институции, единиците на локалната самоуправа, јавниот и приватниот сектор, политичките партии, медиумите, здруженијата и фондациите, неформалните групи, социјалните партнери, синдикатите, верските организации и другите организации, се должни да преземаат превентивни мерки за подигање на свеста за сите форми на РБН, промовирање на родовата еднаквост и елиминирање на стереотипите за родовите улоги базирани на културата, обичаите, верата, традициите и другите практики кои се засноваат на идејата за  подреденост на жените и мажите.   

Институциите и другите чинители во општеството преземаат превентивни мерки преку: 

  • спроведување кампањи; 
  • редовно објавување информации за мерки за безбедност;
  • меѓусебна соработка во промоција и превенција од РБН врз жените и СН.

Согласно новиот закон како надлежни институции кои активно учествуваат во генералната превенција се: 

  • Министерство за образование и наука;
  • Министерство за труд и социјална политика; 
  • медиуми; 
  • верски заедници; 
  • програми за работа со насилници. 
Програмите за работа со насилници вклучуваат психо-социјален третман на сторители на СН кој се обезбедува во специјализирани советувалишта кои ги водат стручни лица. На пример вакво советувалиште спроведува НВО Прв семеен центар од Скопје.  
  1. Општи и специјализирани услуги

Новиот Закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство предвидува општи и специјализирани услуги кои имаат за цел да ја заштитат жртвата и да спречат повторување на насилството: 

  1. пристап до СОС линија за информирање и упатување (член 90); 
  2. услуга за советување (член 91); 
  3. услуга за привремен престој и тоа згрижување жени жртви на насилство и семејно насилство и нивните деца, жртви на трговија со луѓе и жртви на насилство поради сексуална ориентација и родов идентитет во центар за привремен престој, кога постои сознание за реална закана по животот и здравјето на жртвата или во отсуство на други ресурси за згрижување (член 92); 
  4. услуга за заштита и поддршка на жени жртви на сексуално насилство и силување најмногу до 72 часа (член 94);
  5. услуги за долготраен третман на жени жртви на сексуално насилство и силување (член 95); 
  6. услуга за бесплатна правна помош (член 97); 
  7. реинтеграција на жртви на насилство (член 99). 
Во Република Северна Македонија постојат три центри за упатување жртви на сексуално насилство и истите се наоѓаат на гинеколошките клиники во Скопје, Тетово и Куманово. Во овие центри се обезбедува интегриран и целосен одговор на потребите на жртвите од овој вид на РБН. Сите институции кои постапуваат во центрите се водат по строго воспоставени стандардни оперативни процедури усогласени на ниво на релевантните министерства. 
Во Република Северна Македонија постојат пет засолништа за подолготрајно сместување жени и деца жртви на СН и тоа: едно се наоѓа во Скопје, а останатите се лоцирани во Свети Николе, Кочани Битола и во Струмица. Двата кризни центри за привремено сместување жртви на СН се лоцирани во Скопје и ги водат женски невладини организации.

ЗАКЛУЧОК 

  • Насилството врз жените и девојчињата и семејно насилство во Македонија се регулира во два закона, Кривичен законик и Закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, како и во рамките на нивните подзаконски акти. Постојат и други закони и подзаконски акти кои регулираат одредени аспекти на заштита и превенција на насилство врз жени и девојчиња и истите се дел од мултисекторскиот пристап. 
  • Државните органи се обврзани (due diligence) да го спречат насилството врз жените и семејното насилство; во спротивно, истите сносат одговорност која може да биде предмет на правно гонење.
  • Институциите се должни да постапуваат без било каква дискриминација и со должно внимание на интересите и потребите на жртвата секогаш кога постапуваат со случаи на РБН. 
  • Новиот Закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство ги дефинира следните форми на насилство: физичко и психолошко насилство, демнење, економско насилство, сексуално насилство и силување, сексуално вознемирување, сексуално вознемирување преку интернет, присилен брак, женско генитално осакатување, присилен абортус и присилна стерилизација,  трговија со жени и присилна контрола врз жените.
  • Основните начела за заштита од РБН врз жени и СН се: начело на недискриминација, забрана од виктимизација, ранливи жени, начело на соодветно приспособување, начело на одговорни политики и начело на зајакнување на жените кои трпат насилство. 
  • Надлежни институции за спроведување на мерките за превенција и заштита од РБН врз жени и СН се сите органи на државната управа, судовите, јавното обвинителство, единиците на локална самоуправа и други правни лица.
  • Надлежните институции се обврзани да преземаат превентивни мерки за подигање на свеста за сите форми на РБН, промовирање на родовата еднаквост и елиминирање на стереотипите за родовите улоги базирани на културата, обичаите, верата, традициите и другите практики кои се засноваат на идејата за  подреденост на жените и мажите.
  • Жртвите треба да имаат пристап до општи и специјализирани услуги кои ќе понудат поддршка и ќе спречат повторување на насилството.