Овој модул има за цел да ги објасни клучните меѓународни и национални инструменти поврзани со превенција и сузбивање на родово базирано насилство (РБН), насилство врз жени (НВЖ) и семејно насилство (СН).

Конвенцијата за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство (Истанбулската конвенција)

Конвенцијата за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство (Истанбулската конвенција) беше усвоена од страна на Советот на комитетот на министрите на 7 април 2011 година. Истата беше отворена за потпишување на 11 мај 2011 година по повод 121-та сесија на Комитетот на министри во Истанбул. 

Република Северна Македонија ја потпиша на  8 јуни 2011, а ја ратификува на 21 декември 2017 година. 

Истанбулската конвенција (ИК) е златен стандард на Европа за борба против насилство врз жени и домашно насилство затоа што во себе ги интегрира:

  • Принципите на човековите права;
  • Посебни форми на кривични дела  (насилството врз жените и девојчињата);
  • Воспоставува јасни насоки за потребни интервенции во национален контекст;
  • Воспоставува мониторинг механизам за имплементација на ИК  – ГРЕВИО Комитетот.

Конвенцијата ги базира своите одредби на судската пракса на Судот за човекови права во Стразбур. Еден од клучните случаи кои даде огромен придонес за дефинирањето на насилството врз жените е турскиот случај Опуз против Турција. Во случајот Опуз против Турција, Судот за човекови права утврдува  „дека општата и дискриминаторска судска пасивност во Турција, иако ненамерно, главно ги засега жените… доживеаното насилство од страна на тужителката и нејзината мајка може да се смета за родово насилство кое е форма на дискриминација врз жените“.

КЛУЧНИТЕ ПРИНЦИПИ НА ИСТАНБУЛСКАТА КОНВЕНЦИЈА 

  • Должно внимание (Due diligence)

Во рамките на членот 5 се дефинирани обврските на државата и принципот на должно внимание. Според овој принцип, државите членки се должни да се воздржуваат од учествување во каков било акт на насилство врз жените и обезбедуваат државните органи, функционерите, службениците, институциите и другите актери коишто дејствуваат во име на државата, да постапуваат во согласност со ваквата обврска. 

Државите се обврзани да преземаат потребни законодавни и други мерки за да се спречат со должно внимание, да се истражат, да се казнат и да се обезбеди репарација на актите на насилство опфатени со Конвенцијата коишто се извршени од приватни лица (недржавни актери).

  • Родова еднаквост 

ИК во самата преамбула дефинира дека остварувањето на de jure и de facto еднаквост меѓу жените и мажите е клучен елемент во спречувањето на насилството врз жените. Насилството врз жените е манифестација на историски нееднаквите односи на моќ меѓу жените и мажите, што довеле до доминација и дискриминација врз жените од страна на мажите и до спречување на целосното напредување на жените. Насилството врз жените се третира за родово засновано насилство и истото претставува еден од главните општествени механизми со кој жените се принудуваат на потчинета положба во однос на мажите. 

  • Пристап фокусиран на жртвите 

Стандардите вградени во ИК се директно насочени кон поддршка на жртвите на начин на кој нивните права, потреби и безбедност се клучни во сите фази на реакција, интервенција и поддршка (ИК член 4.3).

Мерките за заштита на правата на жртвите се спроведуваат без дискриминација врз кој било основ како што е: пол, род, раса, боја, јазик, вера, политичко или друго мислење, национално или социјално потекло, поврзаност со национално малцинство, имот, раѓање, сексуална ориентација, родов идентитет, здравствена состојба, инвалидност, брачен статус, статус на мигрант или бегалец, возраст, или друг статус. (ИК член 18.3)

Стандардите на заштита на жртвите мораат да се следат во текот на истрагите и судските процеси исто така и при сведочење (ИК член 56).

  • Родово сензитивно разбирање на семејното насилство 

ИК упатува на фактот дека семејното насилство несразмерно ги погодува жените, но и дека мажите исто така можат да бидат жртви на семејно насилство.

Сите одредби од ИК, со исклучок на членовите кои се однесуваат на женско генитално осакатување и присилен абортус и стерилизација, се дефинирани во родово неутрален јазик. 

Посебно во членот 2 се наведува дека сите мерки за поддршка на жените жртви на насилство мора да се родово сензитивни.  

  • Фокус на децата како директни жртви и сведоци 

Посебно внимание Конвенцијата упатува кон начинот на поддршка на децата кои се сметаат за жртви и сведоци на семејното насилство секогаш кога се изложени на истото (видете го модул 1).

  • Координиран и мултиинституционален пристап 

Сите релевантни институции имаат активна улога во превенцијата и сузбивањето на НВЖ и СН и истите се обврзани да соработуваат и да ги координираат нивните активности во одговорот на овој комплексен проблем (ИК член 7.1 и член 18.2).

Посебно е клучна улогата на женските невладини организации во давањето услуги и поддршка на жртвите и државите се обврзани да соработуваат со нив (ИК член 9).

ЦЕЛТА НА ИСТАНБУЛСКАТА КОНВЕНЦИЈА 

Истанбулската конвенција е базирана на 4 клучни принципи: (1) превенција, (2) заштита, (3) прогон и (4) интегрирани политики. 

  1. Превенција 

НВЖ и СН се вкоренети во социјалните и културните вредности на општествата, како и во обичаите и традицијата. Истанбулската конвенција бара од државите да се фокусираат на промена на културата и традицијата каде што актите на насилство врз жени се оправдуваат и легитимираат. Тоа бара од страна на државите:

  • Редовно спроведување на кампањи за подигање на свеста 
  • Измена на учебниците и работа со просветниот кадар за исклучување на родовите стереотипи од наставата 
  • Активно вклучување на мажите и момчињата и работење со женските НВО, приватниот сектор и медиумите.

2. Заштита 

Државите се обврзани да ги преземаат неопходните и потребните законодавни или други мерки за заштита на сите жртви од какви било понатамошни акти на насилство и негово повторување.

Со цел да се постигне итна, сеопфатна и квалитетна заштита на жртвите на РБН, државите мораат да: 

  • одговорат навремено и соодветно и да обезбедат итна и адекватна заштита (ИК Член 50); 
  • обезбедат стандарди за ефективна проценка на ризик и менаџирање со ризикот со цел да се оневозможи ревиктимизација на жртвите (ИК член 51);
  • вклучат во националната легислатива одредби кои ќе регулираат итни мерки за заштита  и мерки за забрана на приближување или заштита (ИК член 52 и 53); 
  • воспостават засолништа во соодветен број кои ќе покриваат повеќе региони (ИК член 23); 
  • обезбедат општи сервиси кои ќе нудат соодветна заштита на сите жртви на РБН (ИК член 20);
  • обезбедат 24/7 пристапни СОС телефонски линии (ИК член 24); 
  • воспостават специјализирани сервиси за жени и деца жртви на РБН (ИК член 22); 
  • воспостават кризни центри за жртви на сексуално насилство и центри за упатување на жртви на сексуално насилство (ИК член 25); 
  • да им обезбедат на жртвите соодветни и благовремени информации за расположливите услуги на поддршка и правни мерки на јазик што го разбираат (ИК член 19). 

3. Прогон 

Кривичните дела утврдени во согласност со оваа Конвенција важат без оглед на природата на односот меѓу жртвата и сторителот (ИК член 43).

Културата, обичајот, религијата, традицијата или таканаречената „чест“ не смеат да се прифатат како оправдување за која било форма на НВЖ регулирана со конвенцијата (ИК член 42).

Истанбулската конвенција ги регулира следните форми на НВЖ и РБН (за повеќе информации, видете го модул 1):

  • Домашно насилство (физичко, сексуално и психолошко); 
  • Демнење; 
  • Сексуално насилство, вклучително и силување; 
  • Присилен брак; 
  • Женско генитално осакатување; 
  • Присилен абортус и присилна стерилизација.  

4. Интегрирани политики 

Според стандардите на ИК, ниту една институција не може ефективно да одговори на НВЖ и РБН доколку работи изолирано. Ефективниот одговор кон овој феномен зависи од конкретните активности на различни институции, како што се владините агенции, женските невладини организации (ИК член 9),  како и националните, регионалните и локалните парламенти/совети и институции (ИК член 7).

Државите се обврзани да воспостават едно или повеќе официјални тела кои ќе бидат одговорни за координација, имплементација, следење и процена на политиките и мерките за спречување и борба против насилството врз жените (ИК член 10). 

За да се постигне координиран одговор на централно и локално ниво, особено е битно државите да прибираат разделени податоци, да спроведуваат анкети и да поддржуваат истражувања поврзани со НВЖ и РБН (ИК член 11).

СУДСКАТА ПРАКСА НА СУДОТ ЗА ЧОВЕКОВИ ПРАВА ВО СТРАЗБУР 

Истанбулската конвенција е резултат на богатата судска пракса што Судот за човекови права во Стразбур ја разви во последните децении, а е поврзана со справување со НВЖ и СН. 

Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП) ја базира својата надлежност во делот на решавање на случаите од областа на НВЖ врз следните одредби: 

  • Право на живот (Член 2); 
  • Забрана на мачење (член 3); 
  • Право на почитување на приватниот и семејниот живот (член 8);
  • Забрана на дискриминација (14). 

СТАНДАРДИТЕ НА ЕВРОПСКАТА УНИЈА 

Еднаквоста помеѓу мажите и жените е еден од фундаменталните принципи на Европската Унија. Членот 2 од Договорот за формирање на ЕУ упатува на основните човекови права, недискриминацијата и принципот на еднаквост помеѓу мажите и жените, како основа за создавање и постоење на Унијата. 

Покрај договорот за формирање на Унијата, ЕУ донесе неколку регулативи и директиви кои се релевантни за сузбивање на НВЖ и истите се фокусирани на заштитата на жртвите, прекугранично имплементирање на привремените мерки за заштита и други видови на прекугранична соработка помеѓу државите членки. 

ЕУ ја потпиша Истанбулската конвенција во мај 2017, сакајќи да им прати силен сигнал на земјите членки да го сторат истото на национално ниво. 

Директивата 2011/99/ЕУ за Европскиот налог за заштита е прв важен документ кој има за цел да ги заштити жртвите на криминал, вклучително и жртвите на РБН, особено оние кои се предмет на семејно насилство или демнење на начин што тие имаат право на продолжена заштита во друга земја членка на ЕУ. 

Директивата 2012/29/ЕУ за воспоставување минимални стандарди за правата, поддршката и заштитата на жртвите на кривични дела ги поставува стандардите на Унијата кои се однесуваат на правата на жртвите на кривични дела и нивната поддршка – тука спаѓаат и жртвите на РБН. Директивата јасно упатува дека при постапување со жртвите на кривични дела, институциите треба посебно да внимаваат тоа да се прави на начин на кој тие ќе добијат поддршка и ќе бидат признаени сите жртви, вклучително и за жртвите на тероризам.

Регулатива на ЕУ бр 606/2013 ја надополнува Директивата 2012/29/ЕУ и се однесува на мерките за заштита кои се дел од граѓанската легислатива на земјите членки. Нејзината цел е да се воспостави брза и едноставна процедура за имплементација на привремените мерки за заштита преку граница помеѓу земјите членки. На овој начин се штитат и жртвите на РБН. 

ДРУГИ МЕЃУНАРОДНИ СТАНДАРДИ 

На меѓународно ниво, насилството врз жените беше признаено како дискриминација и кршење на човековите права во почетокот на 1990-тите години. 

  • Конвенција за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените и нејзиниот Факултативен протокол 1979;
  • Декларација на ОН за елиминација на НВЖ 1993;
  • Интер-американска конвенција за превенција, сузбивање и искоренување на НВЖ 1994;
  • Пекиншка декларација 1995;
  • Препораката Rec (2002)5 на Комитетот на министри на земјите членки за заштита на жените од насилство;
  • Конвенција на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство (Истанбулска конвенција) 

Конвенција за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените (ЦЕДАВ) и нејзиниот Факултативен протокол 1979

Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените е првиот правен обврзувачки документ во светот кој ги регулираше прашањата поврзани со правата на жените. Беше донесена од страна на Генералното собрание на Обединетите нации во 1979 година. Составена е од преамбула и 30 членови кои ги поставуваат меѓународните стандарди за заштита на правата на жените и тоа граѓанските и социјалните права, правниот статус на жените, репродуктивните права и влијанието на културните фактори врз родовите односи. 

Генерална препорака 19 на Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените

Во својот оригинален текст, ЦЕДАВ не го регулираше прашањето на НВЖ на експлицитен начин, но ова се смени во 1992 година кога се усвои Генералната препорака 19. ЦЕДАВ Комитетот во оваа препорака јасно ја наведе врската помеѓу дискриминацијата, родово базираното насилство и кршењето на човековите права. Во членот 7 од Препораката се наведува дека РБН е форма на дискриминација која го ограничува целосното уживање на човековите права од страна на жените и тоа: правото на живот и правото да не биде предмет на мачење или нехумано третирање, правото на еднаква заштита согласно хуманитарните норми за време на внатрешни или надворешни конфликти, право на безбедност, право на основање семејство, право на пристап до здравство и право на еднаков пристап до пазарот на трудот. 

Генерална препорака 35 на Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените

Генералната препорака 19 беше надополнета во јули 2017 година со нова Препорака 35. Оваа препорака дефинираше дека НВЖ се случува во сите сфери на човечката интеракција: во заедниците, во фамилијата, јавните места, на работното место, во политиката, спортот, здравствените установи, образовните институции, како и во медиумскиот простор, а тоа е интернетот и дигиталната сфера. Генералната препорака, како и ИК, упатува на потребата од воспоставување ефективни мерки за превенција, заштита, прогон и казнување, обесштетување, како и координација, мониторинг и прибирање податоци. 

Генерална препорака 33 за пристап на жените до правда на Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените

Генералната препорака бр. 33 се однесува на воспоставување на стандардите за родово сензитивен пристап до правдата. Оваа препорака ги регулира прашањата поврзани со: правна заштита, достапност, пристапност, добар квалитет, обезбедување правни лекови и отчетност на системите за правда, дискриминаторски закони, постапки и практики, стереотипизирање и родови предрасуди во системот на правда и важноста на градењето капацитети, едукација и подигање на свеста за влијанието на стереотипите, едукација за родова перспектива и подигање на свеста преку граѓaнското општество, медиумите и информатичките и комуникациските технологии. 

Општата препорака 33 е посебно значајна во заштитата на жртвите на РБН бидејќи идентификува 6 меѓусебно поврзани компоненти кои обезбедуваат пристап до правдата на жените жртви на РБН и тоа: (1) достапност, (2) пристапност, (3) добар квалитет, (4) одговорност, (5) правни лекови и (6) бесплатна правна помош. 

ЗАКЛУЧОК 

  • Истанбулската конвенција го третира насилството врз жената како кршење на човековите права и форма на дискриминација врз жените. 
  • Истанбулската конвенција ги смета за кривични дела следните форми на насилство врз жената: домашно насилство (физичко, сексуално и психолошко), демнење, сексуално насилство, сексуално вознемирување, присилен брак, женско генитално осакатување, присилен абортус и присилна стерилизација. 
  • При справување со НВЖ и СН, државните институции треба да применуваат принцип на човекови права и родово сензитивен пристап. Правата и потребите на жртвите треба да бидат во центарот на сите интервенции. 
  • Европскиот суд за човекови права во повеќе судски пресуди ја има нотирано поврзаноста помеѓу насилството врз жените и дискриминацијата. Државите имаат позитивна обврска да преземат соодветни мерки за да ги заштитат  правата на жртвите, како и ефективно да ги заштитат жртвите од насилни акти сторени од страна на лица кои не се претставници на државата. 
  • Препораките 19 и 35 кон Конвенција за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените на ОН имаат особен придонес кон регулирањето на прашањата поврзани со НВЖ на меѓународно ниво. 
  • Принципот на должно внимание (due diligence) е обврска на државата да го превенира насилството врз жените, да ги заштити жртвите и да преземе мерки за сузбивање на дискриминацијата против жените на начин на кој тоа е регулирано во членот 5 од ИК. 
  • Стандардите на ЕУ споменати во овој дел имаат за цел да им гарантираат на жртвите слободно движење на територијата на ЕУ.