КЛУЧНИ КОНЦПЕТИ НА РОДОВО БАЗИРАНО НАСИЛСТВО (РБН)

Овој модул има за цел да ги објасни клучните концепти и разлики во однос на родово базирано насилство (РБН), насилство врз жени (НВЖ) и семејно насилство (СН).

Согласно агенцијата на Обединетите нации – UN Women, „се проценува дека 35 % од жените ширум светот имаат искусено физичко и/или сексуално насилство од партнерот или сексуално насилство од страна на лице со кое не биле во партнерски однос (со исклучок на сексуално вознемирување) во одреден момент од нивниот живот“.

Конвенција за елиминација на сите форми на насилство врз жените (Истанбулска конвенција)

Оваа Конвенција за прв пат вклучи принципи на човекови права и даде практични насоки за нивна имплеменација во националното законодавство, како граѓанско, така и кривично. Ова е особено битно кај насилството врз жената и домашното насилство (тука мора да имаме сеопфатна заштита во сите сфери на процесирање на жртвите). Првиот принцип кој Конвенцијата го апострофира е принципот на еднаквост на мажите и жените и ја поставува позитивната обврска на државите да го почитуваат принципот на т.н. должно внимание (due diligence) со цел да се превенира и заштити жената од РБН. Конвенцијата за прв пат дефинираше разлучни форми на кривични дела од сферата на насилството врз жените и девојчињата и исто така посебно го дефинираше домашното насилство како една од формите на РБН. Овој документ вклучува 4 клучни концепти, а тие се: превенција, заштита, прогон и интегрирани политики при справувањето со домашното насилство. На крајот, со овој инструмент се воспостави и меѓународно мониторинг тело, специјално создадено за да ја следи имплементацијата на оваа Конвенција на национално ниво – ГРЕВИО (за повеќе инфомации, види модул 2). 

„Насилството врз жените“ се разбира како кршење на човековите права и форма на дискриминација врз жените и ги означува сите акти на родово засновано насилство коишто доведуваат или веројатно ќе доведат до физичка, сексуална, психичка или економска повреда или страдање на жените, вклучувајќи и закани за такви акти, изнуда или произволно лишување од слобода, без оглед дали се случуваат во јавниот или приватниот живот.

„Родово базирано насилство врз жените“ означува насилство насочено против жената затоа што е жена или коешто несразмерно ја погодува.

„Семејното насилство“ ги означува сите акти на физичко, сексуално, психичко, односно економско насилство што се случуваат во рамките на семејството или домаќинството, односно помеѓу поранешни или сегашни сопружници или партнери, без оглед дали сторителот го дели или го делел истото живеалиште со жртвата или не.

Важно да се запомни!
– Конвенцијата во својата преамбула јасно укажува дека остварувањето на de jure и de facto еднаквост меѓу жените и мажите е клучен елемент во спречувањето на насилството врз жените;
– Насилството врз жените е манифестација на историски нееднаквите односи на моќ меѓу жените и мажите, што довеле до доминација и дискриминација врз жените од страна на мажите и до спречување на целосното напредување на жените; 
– Укажува на структурната природа на насилството врз жените како родово засновано насилство, како и дека насилството врз жените е еден од главните општествени механизми со кој жените се принудуваат на потчинета положба во однос на мажите.
Дополнителни информации
Согласно ЕУ анализата за преваленца на физичко и сексуално насилство во 2014, една од три жени (33 %) има искусено физичко и/или сексуално насилство од својата 15 година, 8 % од жените искусиле физичко и/или сексуално насилство во првите 12 месеци од спроведувањето на интервјуата Од сите жени кои имаат партнер, 22 % имаат искусено физичко и/или сексуално насилство од страна на партнерот од нивната 15-годишна возраст.
Согласно слична анализа подготвена од страна на ОБСЕ Виена во 2019, во Република Северна Македонија: 14 % од жените рекоа дека доживеале физичко или сексуално насилство од 15-годишна возраст од страна на партнер или не-партнер (7 % од жените што зборуваат албански, наспроти 16 % од жените што зборуваат македонски јазик). Психолошкото насилство извршено од интимен партнер е значително почесто, при што 44 % од жените потврдија дека го доживеале истото (43 % од жените кои анкетата ја пополниле на албански јазик). Три од десет (30 %) жени рекоа дека биле сексуално вознемирувани од 15-годишна возраст, а една од десет (10 %) рече дека била сексуално малтретирана 12 месеци пред истражувањето (9 % и 4 %, од жените што зборуваат албански јазик). 7 % од жените рекоа дека биле скришно следени (4 % од жените што зборуваат албански).

Насилството врз жените е длабоко вкоренето во нееднаквите односи меѓу мажите и жените во социјалните и културните сфери на живеење, што ги става жените во потчинета положба и во јавниот и во приватниот живот. 

Предрасудите, традицијата и другите пракси базирани на штетното разбирање дека жените се инфериорни, придонесуваат до појава на насилство базирано на родот. Токму затоа потребно е да се обезбеди:

  • Соодветна заштита и поддршка на жртвите на насилство; 
  • Да се признае родовата димензија како и индиректната дискриминација која е насочена кон жените жртви.

Насилство врз жените е форма на родово базирано насилство насочено против жената затоа што е жена или коешто несразмерно ја погодува. 

ФОРМИ НА НАСИЛСТВО ВРЗ ЖЕНИ (НВЖ) или РОДОВО БАЗИРАНО НАСИЛСТВО (РБН) 

Психолошкото насилство врз жената опфаќа контрола на движењето и контактите на жената, љубомора или посесивност, како и однесувања кои предизвикуваат емоционални или психички страдања на жената. Психолошкото насилство сериозно го нарушува психичкиот интегритет на жртвата со употреба на присилба и закана. Најчести форми на психолошко насилство се: контролирање на движење, забрана за комуникација со најблиските и пријателите, обвинување на жртвата за насилното однесување на насилникот, уценување со одземање на децата итн. 

Демнење е секое намерно однесување на повторено заканување насочено кон друго лице што предизвикува лицето да се плаши за својата безбедност. Демнењето може да се случи и без физички контакт и истото може да вклучи закани и вознемирување, во канцеларија или онлајн или може да вклучи дејствија на постојано следење на жртвата. 

СТУДИЈА НА СЛУЧАЈ – Демнење

Факти за случајот 

Ирина е жртва на насилство веќе цели 18 години. Таа била во врска со насилникот кој постојано ја контролирал и ѝ се заканувал дека ако го остави, ќе ја убие. На крајот, таа се одлучи да го остави и да ја прекине врската. Уште во 2018 година Ирина побара поддршка од адвокат и се поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство поради постоење на основано сомнение дека е сторено кривично дело „Насилство“ по член 386 од КЗ. Пријавениот постојано ја малтретира Ирина, грубо ја навредува, ѝ ја загрозува сигурноста така што се појавува пред нејзиното живеалиште. Тој ја следи насекаде и ѝ префрла. Патем, се работи за лице кое е постојано во непресметлива состојба – шизофренија од процесуален карактер. За насилството кое пријавениот ѝ го причинува на жртвата запознаено е и Министерството за внатрешни работи до кое што таа се има обраќано многу пати, но оттаму нема никакво постапување во насока на нејзина заштита. Што се однесува, пак, на Центарот за социјална работа, истите сметаат дека нема основ за поведување постапка за заштита на жртвата, односно дека во конкретниот случај нема кривично дело. 

Анализа на случајот 

  • Ова е случај на демнење бидејќи жената е постојано под присмотра која ја става во состојба на страв; 
  • Жената се плаши за својата безбедност; 
  • Насилникот не остварува накаква физичка повреда над жртвата, но психолошкиот притисок врз неа е огромен; 
  • Лицето е во ризична ментална состојба која би можела да ја доведе жртвата во животна опасност во секој момент; 
  • Министерството за внатрешни работи и Центарот за социјални работи не постапуваат согласно нивната обврска за „должно внимание“ и со тоа ја ставаат жртвата во огромен ризик. 

Физичко насилство претставува намерно извршување дела на физичко насилство врз друго лице. 

Сексуалното насилство вклучително и силувањето вклучуваат присилно, полово однесување и тоа: вагинална, анална или орална пенетрација од сексуална природа со кој било телесен дел или предмет во телото на друго лице без негова согласност; други акти од сексуална природа со лице без нејзина/негова согласност; наведување друго лице да се вклучи во акти од сексуална природа со трето лице без негова согласност.

СТУДИЈА НА СЛУЧАЈ – Сексуално насилство 

Факти за случајот 

Марија е 25-годишна жена која живее во голем град. Таа има церебрална парализа, користи количка и има малку отежнат говор. Таа се пресели во сопствен стан пред неколку месеци и уживаше во самостоен живот откако го напушти домот на нејзините родители кои беа премногу заштитнички настроени кон неа.  Таа работи како секретарка во една стоматолошка ординација и е економски независна. Пред неколку месеци започна да излегува со момче кое го запозна во кафуле во близина на својот стан. Претходно, како помлада, таа имала момче, но овој човек е нејзината прва сериозна врска и во физичка и во емотивна смисла.

Работите се одвиваа добро, но неодамна тој почна да ја присилува на сексуални работи кои за неа се непријатни.  Таа се обиде да каже „не“ и му предложи да ги прават работите поинаку, но понекогаш тој ја игнорира, ѝ ја крие количката и одбива да ѝ ја врати сè додека таа не се согласи да го направи тоа што тој го сака. Неодамна тој ја замоли да има сексуални односи со неговиот пријател. Таа одби, но тој инсистираше и на крајот таа се согласи. Во текот на сексуалниот однос, пријателот лошо се однесуваше кон неа. По средбата, таа се чувствуваше ужасно и физички и емоционално.

Не знаејќи што да прави, Марија контактираше со СОС телефонот на една локална женска невладина организација во која работат социјални работници.

Невладината организација го пријави случајот во надлежната полициска станица наредниот ден. Полициската станица интервенираше по неколку дена кога ја повика Марија да даде исказ. 

Анализа на случајот 

  • Овој случај претставува повеќекратна дискриминација и експлоатација на жена бидејќи имаме сексуално насилство, сексуална експлоатација, вклучително и психолошко насилство од страна на интимен партнер. 
  • Факот дека жената е со попреченост ја прави поранлива и потребата за зајакната заштита кај овој случај е евидентна. 
  • Жртвата е во постојана опасност и институциите треба да реагираат итно и да ја заштитат; 
  • Насилникот може да го повтори делото во секој момент. 
  • Невладината организација треба да го пријави случајот веднаш без одлагање. 
  • Полициската станица треба да реагира веднаш, а не по неколку денови. 
Важно да се запомни!
Посебно внимание Конвенцијата посветува на давањето на согласноста за сескуален однос и потенцира дека согласноста мора да е дадена доброволно како резултат на слободната волја на лицето, проценета во контекст на опкружувачките околности. Конвенцијата исто така ги вклучува и сегашните или поранешните брачни сопружници со оваа одредба. 

Присилен брак се смета секое намерно присилување на возрасен или дете да стапат во брак. Исто така под присилен брак се смета и секое намерно намамување на возрасен или дете на територијата на некоја страна или земја, која не е земјата каде тие престојуваат, со цел да се принудат да стапат во брак.

Генитално осакатување на жени и девојчиња се смета секое намерно однесување: отсекување, инфибулација или секое друго осакатување во целост или делумно на големите усни (labia majora), малите усни (labia minora) или клиторисот на жената или девојчето; присилување или наведување на жена да се подведе на некои од дејствијата наведени погоре; поттикнување, присилување или наведување на девојче да се подведе на некои од наведените дејствија.

Присилен абортус се смета секое намерно однесување кое вклучува: вршење абортус врз жена без нејзина претходна информирана согласност; вршење операција врз жена без нејзина претходна информирана согласност, односно разбирање на постапката чија цел или последица е да се прекине нејзината способност за природна репродукција.

Сексуално вознемирување се смета секоја форма на несакано вербално, невербално или физичко однесување од сексуална природа со цел или последица – повреда на достоинството на лицето, особено кога се создава заплашувачка, непријателска, деградирачка, понижувачка или навредлива средина, е предмет на кривична или друга законска санкција.

СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО (СН) 

„Семејното насилство“ ги означува сите акти на физичко, сексуално, психичко, односно економско насилство што се случуваат во рамките на семејството или домаќинството, односно помеѓу поранешни или сегашни сопружници или партнери, без оглед дали сторителот го дели или го делел истото живеалиште со жртвата или не.

Семејното насилство е една од најсериозните и најчестите форми на интимно партнерско насилство врз жените. Под семејно насилство се подразбира интимно партнерско насилство помеѓу сегашни или поранешни партнери, како и меѓугенерациско насилство – на пример, насилство помеѓу родители и деца. 

Семејното насилство исто така се однесува и на она насилство кое се случува помеѓу сегашни или поранешни интимни партнери кои при тоа не мора да делат исто домаќинство. 

Токму затоа многу е битно кога институциите се справуваат со оваа фома на НВЖ да не бараат задолжително заедничко живеење или, пак, моментална врска за да утврдат постоење на домашно насилство. 

Моќ и контрола 

Динамиката на злоставување во контекст на домашно насилство следи одреден циклус кој се нарекува употреба на моќ и контрола. Насилничкото однесување може да се манифестира преку: 

  • Ограничување на пристап до финансии; 
  • Закана дека ќе ѝ бидат одземени децата; 
  • Употреба на заплашување и емоционална контрола; 
  • Изолација на жената од нејзините блиски и роднини; 
  • Обвинување на жртвата дека е виновна за однесувањето на насилникот. 

Сите овие дејствија го оправдуваат однесувањето на моќ и контрола врз жртвата. 

Последици од НВЖ и СН

Насилството врз жените предизвикува долготрајни психички и физички последици. Тоа не влијае само врз жените, туку и врз децата како директни жртви и сведоци на насилство, а влијае и на фамилиите и заедниците во кои тие функционираат. Насилството го нарушува менталното и физичкото здравје на жртвата, предизвикува долготрајни последици врз добросостојбата на децата, како и доведува до губење работа, сигурност, а и во одредени ситуации и бездомништво. 

Физичките последици се појавуваат во вид на модринки, исекотини, скршеници и други повреди, а во екстремни ситуации може да доведат до фемицид.  

Психолошките последици се долготрајни и се манифетираат како: страв, фобии, срам, чувство на вина, анксиозност, неспособност за комуникација со околината, затворање во себе итн.  

Долготрајните последици најчесто влијаат врз социјалниот, економскиот, физичкиот и психолошкиот живот на жртвата. На пример, оние жртви кои економски се зависни од своите насилници, честопати не можат независно да располагаат со својот буџет, самостојно да донесуваат одлуки, да ја загубат работата итн. 

Жртвите на сексуална злоупотреба најчесто патат од долготрајни психолошки последици како што се: вознемиреност, ниска самодоверба и чувство на вина. 

Децата и семејното насилство 

Истанбулската конвенција јасно упатува на заклучокот дека децата се директни жртви на насилството. Тие се третираат како жртви и кога се сведоци на насилство или кога самите се предмет на која било форма на насилство. 

Конвенцијата, согласно член 26, утврдува посебни стандарди за заштита и поддршка на деца-сведоци, барајќи од државите да водат сметка за правата и потребите на децата-сведоци на сите форми насилство опфатени со Конвенцијата. Мерките за заштита треба да вклучуваат психо-социјално советување за децата-сведоци, особено водејќи сметка за најдобриот интерес на детето. 

Членот 31 за прв пат го дефинира начинот на определување на старателството и правата на посети на децата од страна на насилниците, кога постои насилство врз жена или домашно насилство. Конвенцијата бара од државата да преземе соодветни законодавни или други мерки за да обезбедат дека секое право на посета или остварување на старателство врз децата нема да ги загрози правата и безбедноста на жртвата или децата. Можеме да заклучиме дека државите не смеат во ниту еден случај да дозволат изложување на децата на слободен пристап пред  таткото насилник, ниту пак да се земе предвид правото на доделување дете на татко насилник или видување без надзор. 

Следствено на стандардот од Истанбулската конвенција, новиот предлог-закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство во членот 47 дефинира дека „Центарот за социјална работа може времено да ги ограничи или забрани личните односи и непосредните контакти на детето со родителот со кого не живее заедно, во случај кога тоа е во интерес на детето, додека траат ризикот и последиците од извршеното насилство“. 

Особено е битно поддршката на мајката и детето да е направена на унифициран, мултисекторски пристап за да се избегне ревиктимизација. Во ваквите случаи, односот на детето со сторителот на насилството не смее да се гледа одвоено од насилството кое ѝ се случува на мајката што најчесто се јавува како пракса при справувањето со овие случаи, како на пример при определување на мерките за заштита. 

Дополнителни информации
– Треба да се внимава на децата. Семејното насилство се рефлектира врз децата, тие почнуваат да манифестираат асоцијално однесување и се произведуваат идни насилници.
– Обично се случува меѓу четири очи или во присуство на деца.
– Тие (децата) имаат толку негативен пример и толкави трауми, така што де факто, иако тие не се директни жртви, тие се пасивни жртви… Но и самото набљудување на едно насилство за детето остава сигурно огромни трауми и тие деца веројатно утре ќе бидат или психички во секој случај некако осакатени, под наводници кажано.

Насилството врз жените и влијание врз општеството 

Насилството врз жените влијае врз сигурноста, здравјето, безбедноста, продуктивноста и трошоците на целото општество. НВЖ влијае врз пристапот на жените во образованието, пазарот на трудот и јавниот живот и сето тоа придонесува за зголемување на сиромаштијата во едно општество. Присутноста на оваа појава влијае на губењето на економската продуктивност и активност на жените, а воедно ги исцрпува секторите кои нудат социјални сервиси, правниот систем, здравствената заштита и пазарот на трудот. 

Се смета дека на на ниво на Европската Унија, вкупниот годишен трошок за превенција од насилство врз жени изнесува 228 милијарди евра. 

Општество во кое постои родова еднаквост ги елиминира можностите за насилство врз жените и влијае на добробитта врз самите жени, нема трошоци врз здравствениот систем, правната помош и специјализираните сервиси. 

Родовата еднаквост придонесува за подобрување на квалитетот на пазарот на трудот, намалување во разликите на платите помеѓу мажите и жените и општиот економски развој. 

Како насилството врз жени влијае на економијата? 

Меѓународните анализи упатуваат на директна врска помеѓу насилството врз жените и трошоците во едно општество. На пример, трошоците за поддршка на жртвите и финансиите кои се трошат за превенција се високи и кога не би постоеле, општеството би можело да ги истористи во други цели. Токму затоа насилството врз жените се смета за јавен проблем кој ги погодува сите на различен начин. 

Краткотрајни економски последици од насилството врз жените: 

  • личните трошоци на жртвите – трошоци за поддршка и сервиси (правен сектор, здравствен сектор и специјализирани сервиси – шелтери, СОС линии, советување, лобирање); 
  • физички и психолошки последици; 
  • економски импакт (губење работно место, неефективност на работа, отсуство од работно место). 

Долготрајни економски последици од насилството врз жените:

  • голем број на жени жртви се соочуваат со големи финансиски трошоци поради социолошката, правната, психолошката, медицинската и друг тип на поддршка која им е потребна за да се соочат и да го надминат насилството; 
  • психолошки/хронични болести кај жртвите и нивна идна неможност за работа. 

ЗАКЛУЧОК 

  • Една од три жени на светско ниво има искусено физичко или сексуално насилство.
  • НВЖ се разбира како кршење на човековите права и форма на дискриминација врз жените.
  • Родово засновано насилство врз жените означува насилство насочено против жената затоа што е жена или коешто несразмерно ја погодува.
  • Насилството врз жените се јавува во различни форми: физичко, психолошко насилство, присилен брак, генитално осакатување, сексуално насилство, вклучително и силување, демнење, сексуално вознемирување, присилен абортус и стерилизација. 
  • Семејното насислтво ги означува сите акти на физичко, сексуално, психичко, односно економско насилство што се случуваат во рамките на семејството или домаќинството, односно помеѓу поранешни или сегашни сопружници или партнери, без оглед дали сторителот го дели или го делел истото живеалиште со жртвата или не.
  • Кога се соочуваат со насилство, жртвите страдаат од краткотрајни, но и долготрајни последици и тоа на физичко, психолошко, социјално и економско ниво. 
  • Децата се честопати директно засегнати од насилството кое ѝ се случува на нивната мајка, без разлика дали истото го сведочат или директно учествуваат во него. 
  • Насилството врз жените влијае на сите нивоа на социјалното живеење и тоа на општата благосостојба, здравството, безбедноста и продуктивноста. Економската загуба од истото влијае врз целото општество, не само врз жртвите.